Затворање на сите угостителски објекти бара Независната угостителска комора

Затоа што е фрлена голема дамка на угостителскиот сектор дека е причина за ширење на вирусот ковид-19 Независната Угостителската комора смета дека треба да се докаже спротивното со затворање на сите угостителски објекти во државата.

Комората предупредува дека оваа индустрија ќе колабира ако Владата не обезбеди директна финансиска поддршка затоа што трошоците на угостителите се огромни на име на кирии, долгови, плати и др и тие течат секој месец а угостителите работат со околу 20% промет со исцепканото работно време.

-За да и ја олесниме работата на Комисијата за заразни болести, ако досега не сфати и не научи дека угостителите се најмалку одговорни за зголемениот број заболени од КОВИД-19, и препорачуваме и ја поддржуваме да не дава повторно препораки за цепкање на работното време или нови крпеници кон постојните протоколи, туку да даде препорака за целосно безусловно затворање на сите угостителски објекти, не само на една недела, две или месец дена, до крајот на оваа зима, како би можеле навреме да донесеме одлуки вработените да ги пратиме на зимски одмор, а ние угостителските објекти да ги конзервираме до доаѓањето на пролетта, наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски во денешното соопштение.

Несвојствено е да се мисли дека вирусот се шири во угостителските објекти а не се шири во затворените кладилници кои вршат и угостителска дејност т.е. послужуваат пијалоци и скоро во секоја кладилница и казино има маси за гости, а тие немаат ограничување на работното време па гостите после 21ч ги полнат овие објекти.

Со новата препорака за целосно затворање Комисијата може само да ни помогне да ја оттргнеме дамката од угостителската индустрија и да покажеме и докажеме дека последни одговорни жаришта за несразмерните бројки на зголемување на заболени од КОВИД-19 ни од далеку не се угостителските објекти за кои постојат и се почитуваат протоколите за работа. Очигледен е и фактот дека Комисијата за заразни болести ако ова не го направи денес и веднаш ќе го направи во наредните денови со што се повеќе станува реалност вистината дека декември, во кој традиционално угостителската индустрија ги остваруваше најголемите приходи оваа година, едноставно го нема, наведува Комората.

 

2 Shares