Чолакова Дервишова: 20 дена седат дома болни и никој не ги прима | Се бараат Ковид-амбуланти за заразените

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари Лидија Чолакова-Дервишова посочи на неправилностите околу ковид-19 заразените и побара ковид амбуланти за следење на болните.

– Имаме пациенти со дијабетес, инфаркти, мозочни удари, кои целиот живот имале милион компликации од овие состојби и сега се водат како починати од коронавирус. Сметам дека ова треба да се промени, бидејќи создава страв кај граѓаните.

Има проблеми во системот, нема термини за препраќање на пациентите, инфективните одделенија се презафатени, не може кожен лекар или кардиолог да лекува од ковид-19. Лично бев во Фонот и им реков дека луѓето што се дома, немаме како да ги следиме. Порано кога не се чувствуваа добро, ќе дојдеа во ординација, ќе ставевме слушалка, ќе ги следевме.

Сега, кога ќе го прогласат за корона-позитивен, тој мора да е дома, не може да оди да му се направи рендген, крвна слика, ограничени се тие движења, а мора да се следат пациентите.

Сметам дека мора да се воведе ковид-упат за да ни овозможи нам, матичните лекари, да го следиме пациентот каква му е крвната слика, Де-димерите, лимфоцитите, леукоцитите, да знаеме како да ги лекуваме. Дваесет дена да седи дома и да не му е добро, а да не го примаат никаде, не е во ред – посочува Чолакова Дервишова.

– Сега кога се јавуваме на инфективно одделение, цел ден се врши примопредавање на телефонот, цел ден мора да ја барате сестрата. Има малку персонал, се разболеа голем број медицински работници – додава Чолакова.

Властите пак тврдат дека најголемата причина за големата смртност е тоа што пациентите се јавувале доцна во болниците, повеќе и од 10 дена откако ги имале првите симптоми а потоа тешко било да се лечат.

Исто така како причина за големата смртност ги наведуваат животните навики и нездравиот живот, вишокот килограми, неправење контроли и др.

660 Shares