Јунајтед ерлајнс ќе отпушти 13.000, а американски ерлајнс 19.000 вработени доколку не добијат државна помош.
Американските авиокомпании „Јунајтед ерлајнс“ и „Американ ерлајнс“ потврдија дека ќе започнат да отпуштаат околу 32.000 нивни вработени, бидејќи американскиот Конгрес не постигнал договор за поширок пакет помош, кој го вклучува и авио-секторот.
Јунајтед објави дека ќе отпушти 13.000, а Американ ерлајнс 19.000 вработени, пренесува Бета, повикувајќи се на Франс прес.
Двете компании истакнаа дека ја оставаат отворена вратата за укинување на одлуката за разрешување доколку демократите и републиканците постигнат компромис за финансирање „во следните денови“.
Извршниот директор на Американски ерлајнс Даг Паркер изјави дека неговата компанија ќе ја укине одлуката за отпуштање, која треба да започне на 1 октомври, доколку Вашингтон во следните неколку дена постигне договор за доделување 25 милијарди долари за авиокомпаниите.
Републиканците и демократите без договор
Со падот на авионското патување за околу 70 проценти во однос на минатата година, поради пандемијата на вирусот корона, многу авиокомпании, вклучувајќи ги Јунајтед и Американ ерлајнс, велат дека ќе бидат принудени да отпуштаат без дополнителна државна помош.
Авиокомпаниите и нивните синдикати лобираат за државни пари за да им исплатат на вработените уште шест месеци, до март следната година.
Помошта за нив е блокирана во преговорите за нов поширок пакет помош заради пандемијата.
Републиканците и демократите не можат да се договорат за висината на новиот пакет помош.